• 20.04.2024 13:53

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

130 години од првата докторска дисертација за Mакедонскиот јазик

BySarissa Editor

Nov 27, 2020

На денешен ден, 27 ноември 1890 година, балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил првата докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес „Тарту“) во Естонија.

Леонард Готхилф Мазинг бил роден на 21 ноември 1845 година во селото Мустјала (на островот Езел, денес Саарема) во Естонија и потекнувал од семејство чиј татко бил свештеник во Лутеранската црква. Се школувал во Лајпциг, Гетинген и во Дорпат (Тарту). На 27 ноември 1890 година во Тарту ја одбранил докторската дисертација за засебноста на македонскиот јазик насловена „Јазична оценка за јазикот на македонските Словени и акцентот/рефлексите на ќ и џ“. Особено внимание Мазинг посветил на гласовите ќ/тј и џ/дј во македонскиот јазик, што претставувало најпривлечна тема во славистиката.

Gotthilf Leonhard Masing


Леонард Мазинг работел на Дерптскиот универзитет повеќе од 45 години каде што прво бил доцент, а подоцна и професор на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје. Држел курсеви за споредбено-историски граматики на индоевропските јазици, споредбена граматика на словенските наречја, вовед во славистика, филолошка и славистичка литература, црковнословенскиот јазик, јужнословенската дијалектика, источноевропските јазици итн. Во тоа, секако, спаѓал и интересот за македонскиот јазик и неговата засебност. Починал на 4 април 1936 година во Тарту, Естонија. Погребан е на универзитетската парцела на гробиштата „Ради“, но неговиот гроб не е зачуван бидејќи по немилите настани по Втората светска војна и егзодусот на балтичките Германци настрадале и гробовите и надгробните плочи на починатите.

Имено македонската етноисториска целина во тоа време сѐ уште не била поделена и административно ѝ припаѓала на Отоманската Империја.

Мазинг во 1890 запишал:

„Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етноисториски граници за дефиниција на јазикот!“

За време на Илинденското востание, трогнат од колежот и неуспешниот обид за ослободување на Македонија од турскиот јарем, одржал неколку говори на академските вечери посветени на Македонија и македонскиот народ.

Првата докторска дисертација на Леонард Мазинг е уште една афирмација за македонскиот јазик во светот, а е од особено значење за македонското национално малцинство во Грција и во Бугарија каде што Македонците сѐ уште не ги уживаат правата за културен развој и употреба на својот мајчин македонски јазик.


Публикациите од ваков вид се трае доказ за постоењето на македонскиот јазик, но и аргумент плус наспроти секојдневното негирање на идентитетското постоење, како и на македонскиот јазик.