• 29.03.2024 02:39

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Какво треба да биде православното семејство?

Byurednik

Nov 29, 2020

Денес во некои семејства сопругот ужива неоспорен авторитет, во други сопружниците градат односи врз основа на еднаквост на мислењето. Каков вид на семејно уредување е во согласност со православието? Се верува дека Црквата признава исклучиво патријархален тип на семејни односи, бидејќи апостол Павле напишал за старешинството на сопругот над жената (види 1. Кор. 11: 3). Тука има две „но“.

Како прво, во Римската империја, жените немале економска и социјална независност. Таа секогаш останувала во рамките на семејството, како нечија ќерка, сестра, сопруга, мајка. Жените вдовици биле најобесправени и незаштитени. Напомнување дека на вдовиците треба да им се помогне има во Евангелието, во Делата на апостолите и кај Светите отци. Но, никаде не е кажано дека треба да им се помага  на вдовците, бидејќи вдовецот може да си обезбеди средства за себе, а вдовицата не.

Поради целосната независност на мажите во зората на христијанската ера, апостолот Павле првиот збор им го упатил на сопрузите, давајќи им одговорност за христијанското семејство. Свети Теофан Затворник исто така нагласува дека „апостол Павле повеќе ги задолжува мажите”. Притоа, апостолот ги поучува да  покажат иста таква искрена грижа за својата жена како и за сопственото тело (види Еф. 5:28).

Треба да се нагласи дека христијанството радикално го смени односот кон жените, утврдувајќи ја родовата еднаквост. „Нема машки пол, ни женски: зашто сите вие сте едно во Христа Исуса”, пишува апостол Павле (Гал. 3:28). На тој начин учењето за семејството станало иновативно, бидејќи апостолот го соединува машкото главенство не со совладување на другата личност, туку со самопожртвуваност. Слично на Христа, Кој се принесол Себеси на жртва за обновеното човештво – Својата Црква, главата на семејството го жртвува сопственото его заради љубов кон својата жена.

Апостолот ги подигнува семејните односи на ниво за кое пишува во друго послание, откривајќи ги нејзините својства: „Љубовта е долготрпелива, милостива, не завидува, не се превознесува, не се гордее, не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува, не мисли зло … се радува на вистината; Сè покрива, сè верува, на сè се надева, сè трпи” (1. Кор. 13: 4-7). Сопругата, од своја страна, ги остава настрана себичните претензии од страв да не ја уништи оваа љубов.

На тој начин, со старешинството на сопругот и послушноста на сопругата, подеднакво за секој сопружник се пројавува самоодрекувањето, отфрлањето на самољубието и другите погубни одлики на личноста. Од ова произлегува дека православното семејство е тој пат на духовно усовршување на сопружниците, кој ги обединува во Христа. Кој тип на семејство  повеќе одговара на овој идеал?

Во патријархалното семејство, сопругот го поставува правилото на однесувањата темелејќи ги на христијанската љубов. Ако пак сопругот искористувачки се однесува кон бракот, ги крши евангелските принципи, тогаш би било погрешно да се бара безусловна покорност од сопругата. Во спротивно, зборовите на апостолот можат да доведат до апсурд: да се донесе заклучок дека жената е должна да му се покорува на сопругот, но тој не е должен да ја сака и да се грижи за неа.

Во оваа прилика, во 4-от век, се појавил спор меѓу двајца свети отци на Црквата. Свети Василиј Велики, во едно од канонските правила, ја установил практиката, која постоела во тоа време, според која, основа за развод може да биде неверството на жената, но не и на сопругот. Свети Григориј Богослов, многу пред своето време, одговорил дека ваквите закони и традиции да ги одразуваат привилегиите на оние луѓе, кои нив ги воспоставиле.

Од христијанска гледна точка, семејното право требало да биде исто и за двајцата сопружници. Се разбира, двајцата треба да бидат верни еден на друг, и одговорноста на брачните другари за бракот мора да биде еднаква. Друго прашање е тоа, што во тие времиња кога спореле светителите, мажот, оставајќи ја својата жена, економски не страдал. Но, за жената која го оставала својот неверен сопруг, било многу потешко да преживее сама, особено со деца.

Сега условите се различни. Жените се независни и имаат еднакви уставни права со мажите. Жените наполно се способни да конкурираат со своите мажи во разни сфери на животот: општествените, економските, политичките. Но, останува духовната сфера, за која, како и порано е неопходна хармонија на евангелската љубов.

Љубов можете да ја наречете дури дијаметрално спротивно од неа, да го шутнете кученцето и да кажете: „Јас тоа го направив со љубов”. Но, поентата не е во зборовите, туку во реалноста. Ако мажот ги покажува квалитетите за кои зборува апостол Павле (1. Кор. 13: 4-7), тогаш љубовта дејствува во него. Во таков случај, на жената нема да и́ биде тешко да се сложува со мислењето на нејзиниот маж; нејзината послушност ќе биде природна.

Има уште едно „но”. Жената дури не треба да го слуша мажот, ако тој ја поттикнува на грев или бара од неа да се откаже од својата вера. На пример, жената слуша: „Пушти ме да бидам слободен во животот. Однесувај се кон сè едноставно, ти и јас сме современи луѓе”. Во овој случај, слепата послушност на сопругата очигледно ќе и наштети на нејзината душа.

Брачните другари треба да имаат расудување исто како монасите во духовниот живот. Затоа е пожелно сопружниците да имаат еден духовник и да се советуваат со него. А, за да комуницираат со духовникот, не само што треба да доаѓаат во храмот, туку и да го покануваат во нивниот дом. Во домашна атмосфера, неговиот разговор повеќе ќе придонесе за зајакнување на внатрешното единство на семејството и тој подобро ќе ги разбере проблемите што се појавуваат во врската.

Долгиот семеен живот не се одржува заради страстни чувства, кои со текот на времето  исчезнуваат, и не од личен интерес, кој живиот човек го претвора во инструмент за постигнување на одредена цел. Вистинската љубов ја раѓа потребата да се откаже од своите интереси за доброто на другиот, да се ослободи од оние грубости на својот карактер, кои го повредуваат саканиот човек.

Како се доаѓа до откажување на егоизмот од страна на сопружниците – врз основа на патријархалното главатарство на мажот или врз основа на взаемна согласност, не е толку важно. Важно е сите членови на семејството да растат во Христа преку единство во евангелската љубов. Токму овие стремежи треба да се втемелат во основата на односот помеѓу мажот и жената, кои сакаат да изградат православно семејство.