• 28.03.2024 22:52

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Конзервативците не се радикални екстремисти, се бориме за вредности, силна и сигурна држава

BySarissa Editor

Dec 17, 2020

Вечерва во Гостивар се одржа вториот дел од Конзервативниот караван насловен „Конзервативизам – Народот како клучен столб на државата“, на кој се обрати Сашо Марковски и порача дека Институтот ја нагласува важноста на националниот идентитет и историските спомени, семејните вредности, слободната пазарна економија и се залага за култура што ги промовира вредностите, правдата и правичноста, како и тоа дека конзервативците не се радикални екстремисти, туку се борат за зачувување општествени вредности, силна и сигурна држава.

Поенти од неговото обраќање:

Институтот Сариса е идеолошка и политиколошка институција, чија цел е создавање, развој и промовирање на конзервативни вредности идеологија и политики. Се бавиме со истражувања и анализи, организирање јавни дебати и конференции, итн. Со цел да ја прошириме и разработиме конзервативизмот. Преку својата конзервативна акција, Институтот ја нагласува важноста на националниот идентитет и историските спомени, семејните вредности, слободната пазарна економија и се залага за култура што ги промовира вредностите, правдата и правичноста.

Враќањето на вербата во државата и владините институции е една од нашите главни цели. За жал кај граѓаните гледаме константно опаѓање на нивото на доверба во владините институции. Исто така падот на довербата е во сите гранки на владата, без разлика дали станува збор за извршната, судската или законодавната влада, локалната или централната власт. Вербата во институциите е тесно поврзано со транспарентноста на тие институции. Јавноста едноставно не и верува на владата. Мнозинството од луѓето сметаат дека владините институции кријат важни и корисни информации и работат само на самопромоција и можност за лично збогатување.

За жал, нон стоп слушаме луѓе кои велат „ако немаш врски или познат во таа институција, нема шанси да ја завршиш работата“. Сепак, ние сметаме дека можеме да ја смениме оваа перцепција. Франсис Фукујама во својата книга Градење држава вели дека во денешниот свет единствениот сериозен извор на легитимитет е демократијата… доброто владеење и демократијата се тесно поврзани. Добра државна институција е таа што транспарентно и ефективно им служи на граѓаните.

Ако го претставиме нашето општество како пирамида, ја ставаме власта на врвот, која го добива нејзиниот легитимитет и моќ од луѓето. Во средина е граѓанското општество. Таму припаѓаат институции и организации како нашата. Ние сме врската помеѓу владата и граѓаните. Сариса ги застапува и се бори за интересите на луѓето и ја држи власта под контрола.

Ако работиме паралелно на зголемување на транспарентноста и интегритетот на владата, можеме да ја подобриме довербата на луѓето во владините институции. Тука е нагласен нашиот конзервативен пристап на гледање кон владата. Ние веруваме во одржување и подобрување на столбовите на државата. Сакаме да ги надградуваме, а не да срушиме државните столбови. Ние сакаме државата да има компетентни и праведни владини институции засновани врз интегритет и ефикасност.

Истото важи и за меѓународната политика. Да го парафразирам конзервативниот државник Клеменс Фон Метерних, кој вели дека стабилност во државата раѓа стабилност меѓу државите. Тој ја гледа француската револуција како либерална реформа што ја претвори Европа во хаос. Метерних верувал дека традицијата е она што ги одржува државите стабилни; традицијата се одржува преку институциите и благородништвото. Денес тоа се властите и  владините институции. Тој верувал дека конзервативците се залагаат за силна држава а единството и соработката меѓу државите ги одржува мирот и просперитетот.

Метерних ја предвидел денешната Европска унија. Европската унија е етаблирана и доминантна економска, политичка и воена сила. Нејзините граѓани живеат во стабилни, развиени, богати држави. Метерних сфаќа, а и ние се согласуваме, дека треба да се воспостават одредени основни закони за една земја да биде успешна. Ние можеме да забележиме дека законите не само што треба да бидат усвоени од Собранието, тие треба да бидат имплементирани и почитувани од сите граѓани. Нашата земја треба да биде силна за да влезе во сојуз со најсилните. Сариса е тука за да им помогне на граѓаните и на владините институции.

Претпоставката дека конзервативизмот е заостаната идеологија веќе е дискредитирана.

Ако конзервативците веруваат во семејните вредности, тогаш треба да се залагаме нашите семејства да дишат чист воздух и да пијат чиста вода, да имаме богата економија во која нашите деца ќе имаат лагоден живот, да имаме сигурна и силна држава во која ние и нашите деца ќе бидеме безбедни и слободни. Конзервативците премногу долго ги етикетираа како радикални екстремисти. Сариса ќе докаже дека ние сме тука да се бориме за доброто на нашата татковина, си ја чуваме историјата, јазикот и традицијата и обезбедуваме сигурна иднина на следните поколенија.