• 29.03.2024 06:37

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Саудиска Арабија почна воздушни напади во Сана по смртоносните експлозии во Аден

BySarissa Editor

Dec 31, 2020

Коалицијата Саудиска Арабија-ОАЕ, која се бори против бунтовничките Хути во Јемен, наводно извршила воздушни напади во делови на главниот град Сана неколку часа по експлозиите што го погодија главниот аеродром во јужниот град Аден, при што загинаа најмалку 26 лица, пренесува „Ал џезира“.

Коалицијата ги започна воздушните напади на меѓународниот аеродром Сана и на две локации на Хутите во Рима Хамид во областа Санхан и Вади Рјам во областа Бани Хашиш лоцирана во јужна Сана, пренесува телевизијата „Ал Масира“, управувана од Хутите.

Засега нема извештаи за жртви, а изведени се повеќе од осум напади.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди смртоносниот напад на аеродромот во Аден, кој се случи неколку моменти по слетувањето на авионот со членови на новоформираниот кабинет за единство, поддржан од Саудиска Арабија.

Неколку часа по нападот, се слушна втора експлозија близу претседателската палата Маашек во Аден, каде што членовите на кабинетот, вклучително и премиерот на Јемен, Маеин Абдулмалик, како и саудискиот амбасадор во Јемен, Мохамед Саид ал-Џабер, беа однесени на безбедно.

Двајца вработени во Меѓународниот комитет на Црвениот крст исто така беа убиени во нападот, а еден е исчезнат, се вели во соопштението на МКЦК. Премиерот Абдулмалик рече дека сите членови на кабинетот се добро, а нападите ги нарече предавнички и кукавички.

Ниту една група не презеде одговорност за смртоносниот напад. Хутите, кои се поврзани со Иран, негираа дека стојат зад нападот.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија подоцна соопшти дека соборила беспилотно летало со експлозив на Хутите, чија цел била претседателската палата.