• 18.04.2024 23:20

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

„Успехот е неминовност, и сам по себе, последица на вистинскиот план“ – Интервју со Зоран Николовски, архитект и поранешен Директор на НУ Завод и Музеј – Битола

BySarissa Editor

Feb 2, 2021

Роден на 14.10.1968, во Битола, средно училиште за архитектура завршил во Битола и Архитектонски факултет во Скопје. Неговото прво вработување е во битолскиот музеј во 1999 година. Во брак е, и татко на две деца. На социјалните мрежи тој стана препознатлив со неговите идеи и архитектонски решенија, кои многу би придонесле за поубава Битола.

САРИСА: Г-дине Николовски, Вие сте вработени во НУ Завод и Музеј Битола, како Архитект, каде во еден мандат бевте и на чело на таа институција. Зошто само еден мандат ?

Зоран Николовски: Дa бидам искрен, мислам дека еден мандат од четири години, му е доволно на било кој раководител за да ја исполни својата цел. Нормално, ако се пријавил со некоја цел. Јас мојата цел ја исполнив во тој еден мандат. Мојата цел беше да направам музејска поставка, каде ќе бидат изложени најголем број од  артефактите што долги години, беа скриени од очите на јавноста, во депоата на битолскиот музеј. После завршувањето на тој огромен зафат, кој траеше три години, мојата институција ја доби престижната награда на меѓународната асоцијација на музеи “ICOMOS”, за најдобар Музеј на Балканот за таа година. Секој човек треба да си ја знае мерката. Мојата кандидатура за Директор во НУ Завод и Музеј – Битола, не беше за моја лична популаризација и реализација. Јас сум реализирана личност, вработен во битолскиот Музеј како Архитект веќе дваесет години и исто толку години хонорарен сценограф во Македонска Опера и Балет. Јас само сакав да ја издигнам мојата институција Завод и Музеј на повисоко ниво, и во тоа целосно успеав. После тој успех, беспредметен беше мојот понатамошен престој на директорската фотеља. Не сум љубител на фотељи.

САРИСА: Нашите сознанија се дека во депоата на битолскиот музеј има уште многу значајни работи кои не се изложени.  Какво “богатство” сеуште се крие во депоата на Вашата установа?

Зоран Николовски: Во новата музејска поставка, на површина од 1000 м², се изложени близу 1200 артефакти. Но, сеуште депоата на битолскиот музеј, се преполни со археолошки предмети од сите периоди на постоењето и исклучителни предмети од новиот век и современото живеење. Од праисторија, па до денес. Но, тоа е така и во многу поголеми музеи од нашиот. Така и треба да биде. Секогаш депоата треба да бидат побогати од витрините во музејските поставки.

Куќата од Породин

Куриозитет на битолскиот музеј е што во нашите витрини е изложен најстариот арте-факт на Балканот од периодот на Неолитот “Куќата од Породин” , стара повеќе од 8000 години. Македонија има најстар Неолит во Европа, и логично е што се започнува од тука, од Битола, од Македонија.

САРИСА: На социјалните мрежи се појавија многу Ваши идеи и проекти, за тоа како може да изгледа Битола. Која е Вашата визија на таа тема ?

Зоран Николовски: “Битолчанец не е географска одредница, битолчанец е состојба на духот”. Имајќи ја во предвид оваа умешна литературна кованица, секој човек кога ќе се доведе во ситуација да размислува или да твори на тема “Битола”, задолжително е да се однесува со пиетет и гордост. Моите архитектонски идеи и проекти, се само одраз на мојата љубов кон моето родно место и значењето на пиедесталот, што Битола недвосмислено го заслужува. Тоа е длабоко во мене, во мојата DNK. Многу слоевито е историското и културно минато на Битола, и затоа Битола мора да добие поинаков однос, и повисок статус од досегашниов. Битола, (длабоко во нејзините испреплетени мултиетнички и културно-историски корени), е своевидна “држава во држава”, во споредба со другите населени места во Македонија. Единица мерка во Архитектурата не е 1см. Единица мерка е еден ЧОВЕК. А кога се проектира за еден човек од Битола, е тоа е посебна привилегија и чест.

САРИСА: Дали Битола ќе има повторно шанса да биде тоа што била некогаш?

Зоран Николовски: Битола го има потенцијалот и темелот, како ретко кој град. Компаративна анализа на минатото со иднината, не е возможна, а и не е благодарна, бидејќи станува збор за огромна временска рамка, во која се случиле безброј настани, како историски, социолошки, така и куртуролошки. Многу цивилизации и војски поминале низ Битола, и сите тие оставиле своја неизбришлива трага и печат врз нашиот град. Многу угледни личности, гости и патеписци го моделирале нашето онесување и живеење. Но, во едно сум сигурен, и бескомпромисно верувам; А, тоа е дека Битола го заслужува сјајот на големите европски метрополи, во секој поглед. Посакувам и денешните млади генерации, во иднина, носталгичното сеќавање за нивната младост да ја започнуваат со реченицата: “Ееее… во наше време…”. Тоа е исклучително комплексен проект, што не може да се оствари за кратко време, но и најдолгиот пат, започнува со првиот чекор. Чувствувам дека сега е вистинското време – ДА ЗАЧЕКОРИМЕ.

САРИСА: Што мислите според Вас, што и недостасува на Битола ?

Зоран Николовски: Насмевката и општото расположение им недостасуваат на моите сограѓани. Тоа му недостасува на мојот град. Тоа е изгубено во изминативе десеттина години. Расположението секогаш доаѓа со исполнетите желби, без разлика дали станува збор за поединец или колектив. А, желбите на граѓаните, според мене, се сврстуваат во две категории: Социјална и инфраструктурна. Сакаме експресно да завршиме било каква обврска, на било кој шалтер, да бидеме културно услужени, но при тоа да се движиме по средени и чисти улици, паркови или булевари. Моите сограѓани сакаат нашите деца да учат во чисти градинки или училишта и при тоа да јадат здрава храна. Тие исто така сакаат слободното време (надвор од секојдневните обвски) да го поминуваат или на велосипетски патеки, или на трим патеки или во затворен базен. Не помал е бројот на оние кој сакаат свиоте деца да тренираат некој од актуелните спортови, во современ спортски центар. Сакаат експресно да стигнат до нашата планинска гордост Пелистер, да се скијаат во современ ски центар, или рекреираат, но при тоа да се возат по нов регионален пат, проширен и реновиран. Сакаат и летни и зимски одморалишта, како за поединци, така и за фамилии.  Сакаат чист воздух, уредени, чисти и осветлени улици, сакаат,……………….Се сакаат ! А, зарем е тоа многу – НЕ ! А, знаете ли зошто тоа не е многу ? Затоа што тие тоа го заслужуваат.

САРИСА: Кои се Вашите планови за во иднина и што е потребно за успех?

Зоран Николовски: Зборот “План”, е архитектонски синоним. Тој во себе го содржи сиот биографски запис на една личност. Да се планира, тоа значи постојано да се работи и да се твори. Битола е неограничен, и бескрајно инспиративен простор. Творечкиот однос, кон ова поднебје ме обврзува, постојано и постојано да размислувам и проектирам за моите сограѓани. Секој ќош, секое делче од градот, треба да биде во служба на своите жители. А потребите се најразлични, од предшколска воздраст, па се до пензионерските денови. Сите имаат свои потреби, и не случајно Битола е – БАБАМ – Битола. Битола – ТАТКОВИНА – Битола.

А рецепт за успех ? Тоа не постои. Никој ја нема тапијата на успехот. Во суштина, човек и не треба да трча по успехот. Успехот е неминовност, и сам по себе, последица на вистинскиот ПЛАН.