• 29.03.2024 12:03

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Интервју со д-р Александар Нацев: ЦБИ е авангарда во истражувањето на безбедносните и одбранбените предизвици

Разговараме со доц. д-р Александар Нацев, Извршен Директор на Центарот за безбедносни истражувања и универзитетски професор

САРИСА: Која е функцијата на Вашата организација и полето на дејствување?

АН: Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ) е непрофитна, невладина организација, формирана во 2017 година, која е посветена на помагањето на поединци и институции, со цел разбирање и справување со безбедносните предизвици кои ги носи денешното современо општество. Преку внимателни анализи и кредибилни истражувања, ЦБИ предлага решенија за конвенционалните и асиметричните безбедносни закани со кои се справуваат државните институции и кои претставуваат закана за безбедноста на граѓаните на Република Македонија.

САРИСА: Кои се областите коишто се фокус на истражување на Центарот за безбедносни истражувања?

АН: Некои од современите предизвици со кои се занимава ЦБИ се сајбер безбедноста, влијанието на пропагандата и дезинформациите врз населението, подигнувањето на безбедносната свест кај граѓаните, евалуацијата и менаџирањето на безбедносниот ризик, безбедносниот менаџмент со човечки ресурси, како и неколку други области кои се тесно поврзани со безбедноста. ЦБИ го постигнува ова преку ангажманот на експерти, учеството во проекти (национални, регионални и меѓународни), со поддршка на поединци и институции кои работат на вакви прашања, како и со истражување на начини преку кои може да се разрешат различни безбедносни предизвици.

САРИСА: Како е структурирана Вашата организација и дали постои утврдена организациона структура?

АН: Внатрешната структура на нашата организација е направена согласно полињата на истражување и програмите за работа. Освен управните функции и административните функции кои постојат, имаме и три специјализирани организациони единици, а тоа се Секторот за воени истражувања, Секторот за полициски истражувања и Секторот за стратешки истражувања. Покрај нив, постојат и две специјализирани програми, а тоа се Програмата за против тероризам и Програмата за асиметрични безбедносни закани.

САРИСА: Кажете ни малку повеќе за лицата кои се во тимот на Центарот за безбедносни истражувања, и какви се нивните профили?

АН: Доколку ја погледнете композицијата на нашиот тим и биографиите на нашите претставници, ќе забележите дека располагаме со еден микс од научни истражувачи и безбедносни практичари, што ни дава еден компактен пристап при наоѓањето одговори и нудењето решенија со современите безбедносни предизвици. Кумулативно, нашиот тим може да се пофали со преку 150 години работно искуство во полето на одбраната, безбедноста и кризниот менаџмент. Нашите експерти имаат завршено специјализирани курсеви во САД, Кина, Германија, Холандија, Израел, Блискиот Исток, како и во најдобрите образовни центри на НАТО и ЕУ. Освен ова, дел од нив се со големо борбено искуство во Ирак и Авганистан, како припадници на АРМ или на приватни безбедносни компании, за што имаат добиено и одликувања од нашиот Генералштаб и од НАТО.

САРИСА: Дали имате соработка со сродни институции на национално и на меѓународно ниво?

АН: Последниот период интензивно работиме на зајакнување на регионалната и меѓународната соработка. Остваривме неколку состаноци со наши партнерски институции, како на пример Бегин-Садат Центарот за стратешки истражувања од Израел, со NATO Defense College Foundation од Италија и други партнери, при што воспоставивме соработка во доменот на научните истражувања, заеднички проекти, а кога ќе помине корона кризата, и за организација на заеднички настани.

САРИСА: Дали организирате настани или коференции, имајќи ја предвид кризата со COVID19 во минатиот период?

АН: Последната година бевме приморани поголем дел од активностите да ги организираме онлајн. Последен настан со физичко присуство беше настанот со наслов  „Дискусија за европските безбедносни предизвици и закани“, кој се одржа во месец октомври 2020 година, на кој присуствува голем број на претставници на странски мисии и меѓународни организации, колеги истражувачи од сродни организации од Блискиот Исток и домашни безбедносни експерти и практичари. Она што е пред нас, е организацијата на настанот „Практики и искуства во реинтеграцијата на странски борци“, кој ќе се одржи на 23ти февруари, во Скопје, и ќе биде во комбиниран формат (онлајн на ZOOM/со физичко присуство). Засега имаме потврдено голем број на учесници од земјата и од странство, затоа што се работи за многу актуелна и безбедносно интересна тема.

САРИСА: Како може да се стане дел од Центарот за безбедносни истражувања и какви луѓе можат да дадат придонес во работата на Центарот?

АН: Ние работиме со широк спектар на експерти, практичари и научни работници, чиишто истражувачки интереси се во полето на одбраната, безбедноста и кризниот менаџмент. Исто така, многу важен елемент во нашата работа е работата со студенти кои студираат на високообразовните институции кои се занимаваат со изучување на погоре наведените области. Во оваа прилика, сакам да ги охрабрам и да ги повикам сите заинтересирани лица кои сакаат да остварат соработка со ЦБИ, да не контактираат преку контакт формата на нашата веб страна www.csr.mk, и да започнеме плодна и долготрајна соработка. На крај, ги поканувам сите заинтересирани за теми за тероризам и противтероризам, да го проследат онлајн нашиот следен настан, кој ќе се одржи на 23ти февруари.

САРИСА: Г-дине Нацев, Ви благодариме што одвоивте време за ова интервју.