• 25.03.2024 19:18

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Австрискиот канцелар Курц поднесе оставка по обвинението за корупција

Bysrs-editor

Oct 10, 2021

Премиерот на Австрија, Себастијан Курц, за кого е подигната истрага под обвинение за „поткуп, корупција и злоупотреба на довербата“, поднесе оставка од својата функција.

Премиерот Курц, кој е и претседател на конзервативната Народна партија, одржа прес-конференција на која рече дека коалицискиот партнер на актуелната Влада, Партијата на зелените, не сака да ја продолжи коалицијата со него, но дека на земјата ѝ треба стабилност за спроведувањето на новите одлуки во време на пандемијата на коронавирусот и актуелната економска состојба.

Курц изјави дека по ваквиот пристап на Партијата на зелените, побарал од администрацијата на Народната партија да ја продолжи својата работа и го препорачал актуелниот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг, за функцијата премиер.

Истакнувајќи дека Шаленберг е значаен политичар, Курц наведе дека ќе ја продолжи својата борба во Парламентот како лидер на партијата и претседател на партиската парламентарна група.

Лидерот на Партијата на зелените, Вернер Коглер, вчера објави дека не сакаат да продолжат со Курц и дека Народната партија мора да преземе одговорност и да предложи ново име за премиерската функција.

 Обвинителството започна истрага против премиерот Курц

Обвинителство на Австрија поведе истрага против премиерот Курц под обвинение за поткуп, корупција и злоупотреба на довербата.

Обвинителството ги истражува наводите дека Курц и некои негови сопартијци префрлиле пари во еден весник и тинк-тенк организации користејќи го буџетот на Министерството за финансии во периодот 2016-2018 година. Во обвинението се тврди дека резултатите од анкетите на јавното мислење на споменатите медиуми биле изманипулирани во корист на Курц и неговата партија.

Поради предметната истрага, во средата, на 6 октомври, безбедносните сили на Австрија извршија претреси во Владата, во седиштето на Народната партија на чие чело се наоѓа Курц и во Министерството за финансии.