• 26.03.2024 23:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на д-р Наташа Котлар – „Ракување со историјата по повод 11ти Октомври!“

По повод 80-годишнината на големиот празник – 11 Октомври, би направила едно историско поврзување! Така, за нас, Македонците, солунските браќа Кирил и Методиј се важни како основачи на првата словенска азбука – глаголицата, како учители и просветители. Во основата на глаголицата тие ги поставиле јужномакедонските говори од околината на градот Солун. Следејќи ја историската вертикала, тие се спомнуваат и во документите на Македонското востание (Кресненското) од 5 октомври 1878 г. Во Правилата на Македонскиот востанички комитет е запишано: „Ние востанавме како поборници на слободата… како македонска војска на Александар Македонски… Нашата цел е ослободувањето на Македонија, земјата на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методиј, која со векови страда под турското иго“.

Пред 75 години, по тридневна процесија, на 10 октомври моштите на македонскиот револуционер Г. Делчев се погребани во главниот град на ослободена Македонија – Скопје, во црквата св. Спас. Историското поврзување на просветителите и на револуционерот во историскиот контекст, продолжува! Непосредно пред започнување на Втората светска војна, ПК на КПЈ во Македонија (1940), му се обраќа на македонскиот народ: „… имате свои јазик, култура, свои традиции, песни… славна историја и минало. Кирил и Методија не беа ни Срби, ни Бугари, а македонски славјани кои дадоа писменост и култура на сите славјани…

Централното прашање на македонското ослободително движење е: ‘Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободување на македонскиот народ’. Тоа е стимулот што го тераше Гоцета Делчев и сите македонски синови да водат борба на живот и смрт со непријателите на Македонија, на македонскиот народ. На таков начин и самата борба на Македонците добива смисла и значење.“ Така и започна народното востание против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ на 11 октомври во 1941 г. Во четиригодишната борба, македонскиот народ стана жесток противник на окупаторските сили во Македонија – германските, италијанските, бугарските – давајќи свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. А, донесените решенија од Првото заседание на АСНОМ – симболот на народната сувереност, влегуваат во македонската историја како позитивен и препознатлив национален настан.

Нека е честит 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија!