• 26.10.2021 07:16

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Ким Џонг Ун: Воено се зајакнуваме за да се заштитиме од Американците

Bysrs-editor

Oct 12, 2021

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека развојот на оружје во неговата земја е одбрана од непријателските политики на САД и военото зајакнување на Јужна Кореја, што го дестабилизира полуостровот, пренесува Ројтерс повикувајќи се на државни медиуми.

„Пјонгјанг ја зајакнува својата војска за самоодбрана, а не за да започне војна“, рече Ким во говорот на воената изложба, пренесе севернокорејската агенција КЦНА.

Тој одржа говор стоејќи пред разновидно оружје, вклучително и интерконтиненталниот балистички проектил Хвасонг-16 (ИЦБМ), според фотографиите објавени во весникот на владејачката партија Родонг Синмун. Се работи за севернокорејскиот најголем ИЦБМ, кој е претставен на воената парада во октомври минатата година, но сè уште не е тестиран.

„Не зборуваме за војна со никого, туку за спречување и одвраќање од војна со цел да го заштитиме националниот суверенитет“, рече Ким.

Северна Кореја ја забрза ракетната програма, а аналитичарите тврдат дека исто така започнала со експанзија на главниот нуклеарен реактор, кој го користи за производство на гориво за нуклеарни бомби. Иако САД изразија подготвеност за одржување дипломатски преговори во секое време со Северна Кореја, Пјонгјанг изрази незаинтересираност се додека Вашингтон ја продолжува политиката на санкции и воена активност во Јужна Кореја.

„Тешко е да се поверува на тврдењата на САД дека немаат непријателски чувства кон Северна Кореја сведочејќи на нивните погрешни проценки и постапки“, рече Ким. Тој додаде дека опасните напори на Јужна Кореја за зајакнување на војската ја уништуваат воената рамнотежа на корејскиот полуостров и ја зголемуваат нестабилноста и опасноста. Двете Кореи ја забрзаа трката за вооружување, тестирајќи напредни балистички проектили со краток дострел и друга опрема.