• 19.04.2024 18:57

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

(ФОТО) Црква „Св. Ѓорѓи“ од 13 век – Струга

Црквата Свети Ѓорѓи е македонска православна црква, сместена во центарот на Струга, која претставува најстар христијански верски објект во градот и кој датира од средината на 13 век. Во црквата се наоѓа икона со житие на Св. Ѓорѓи која што е меѓу 10те највредни икони во светот.

Според преданијата, претставува едно од најстарите духовни светилишта на Балканот и во Европа. Староста на црквата досега била одредена по иконата на свети Ѓорѓи, која датира од 1267 година, но во 2015 година бил откриен и фрагмент на фреска од свети Ѓорѓи, кој датира од истиот период, односно средината на 13 век. Црквата постоела од 13 век и низ вековите егзистирала, повеќепати била обновувана сè до 19 век, кога е последната голема обнова од кога датира денешниот изглед. Има голем дел на поствизантиски икони, односно период на османлиската управа од 16 и 17 век. Тогаш имало скрипторски центар, каде се препишувале стари книги во кои има потпишани имиња на познати скриптографи, кои работеле во црквата. Доминираат икони од доцниот среден век и од времето на преродбата, како и од последната обнова во 1835 година.

Од оваа црква традиционално започнува голема Ѓурѓовденска литија на која верниците се поклонуваат пред моштите на Св. Георгиј Победоносец и чудотворната икона на овој светец.

При последната обнова во 1835 година бил направен импозантен објект, не само по својата надоврешна монументалност, туку и со својот внатрешен простор, бидејќи ова бил целосно осмислен и вклопен простор по старите средноврековни концепции на христијанските храмови. Надворешно делува како една базилика, но внатре е расчленета на неколку кораби со куполи или т.н. калоти бидејќи тогаш турските власти не давале куполи со изграден тамбор, па внатре се правеле такви конструкции каде што има калоти кои ги имаат истите функции на куполата со профилиран тамбур. Тоа се впечатливи архитектонски карактеристики и црквата ја чинат една од помонументалните и поубавите од времето на накедонската преродба.

Иконите се сликани 1840-1850 година од група пелагониски зографи, кои биле присутни до средината на 19 век. Монументалниот иконостас има ред на престолни икони, икони со апостоли и резба. Резбата е посебен елемент кој му дава посебна вредност на олтарниот и предолтарниот простор. Сликањето на внатрешните фрески се одвива 1873/74 година. Благодарение на сочуваниот ктиторски натпис се знае и точниот ден кога се завршени сите работи внатре на фрескоживописот, а тоа е 11 април 1874 година.

Околу оваа црква се одвивал целиот јавен и социјален, а посебно верскиот живот на стружани. Улогата на оваа црква била голема, тука се збирале видни луѓе, чорбаџии, трговци, како и луѓе од струшки угледни фамилии. Голем дел од тие фамилии и денеска постојат и егзистираат. Особено важна е посветеноста и организираноста на луѓето кои биле во тие црковни одбори и зачудува нивната подготвеност.

При последната обнова во 1835 година, по низата тешкотии за добивање дозвола за обнова на црквата за која вложиле многу пари за поткуп во Цариград, стружани биле изложени на дополнителни давачки кај локалните турски управители. Со големи поткупи конечно во 1835 година успеале да ја добијат дозволата за обнова на црквата. На 10 април старата црква била срушена и за помалку од два месеци била изградена до сводовите. Во темелите на црквата, во земјата се набиени 5.000 колци. Темелот е исклучително јак, правен од многу органзирана тајфа која интензивно работела. Кога црквата била во фаза на покривање повторно во Струшко избиле големи немири, башибозук влегол во Струга и настанале тензии, кои биле надминати со интервенција на битолските валии и редовната турска армија и башибозукот бил протеран. Потоа било продолжено со градба и истата година била завршена.

Резбаниот иконостас е изработен во духот на најубавите дела на мијачката копаничарска традиција во 1847 година, а престолните и празничните икони во 1849/50. Живописана е во 1874 година од тајфата на браќата Макариеви од Галичник.

На првиот иконостас биле поставени старите икони од 16 век, а новиот иконостас се направил подоцна. Тогаш и годините претходно се гради овој импозантен резбан иконостас со една мермерна извондредна конструкција во долните партии. Иконостасот и амбиентот во целиот тој простор можеби е еден од најмонументалните во Струшко и во Западна Македонија, заедно со иконостасите од Каменско и свети Јован Бигорски, како поголеми духовни центри во цела Македонија. Целиот живопис е правен од браќата Христо и Кузман Макариеви од Галичник. Во внатрешната концепција на живописот во црквата е истакната традицијата на словенските учители, браќата Кирил и Методиј и на светите Климент и Наум Охридски и се што е поврзано со култот на седмомислениците – една од најмонументалните композиции, работена во преродбенска редакција со сите елементи.

При препокривањето на црквата во 1990 година на таванот биле пронајдени над 50 икони, кои биле нарачувани или подарувани од други цркви од Струшко. Сега иконите се целосно заштитени и конзервирани. Збирка икони од црквата „Св.Ѓорѓи“ во Струга е поствизантиска, бидејќи во неа доминираат икони од 16, XVII и XVIII век.

Иконата на свети Ѓорѓи датира од 1267 година и е една од најстарите во богатата македонска колекција на средновековен иконопис, дело на зографот Јован. Таа е извонреден примерок и едно дело на уметност што е влезена во сите светски енциклопедии. Се изучува на сите светски универзитети, посебно на византолошките центри и средини со долга традиција за проучување на византиските студии. Иконата на свети Ѓорѓи е една од 10те највредни и највпечатливи од периодот на доцноколненскиот стилски израз.

Иконата со житие на Св. Ѓорѓи е меѓу 10те највредни икони во светот
Икона на Апостолот Симон од 15 век
Икона на Апостолот Тома од 15 век
Икона на Страшниот суд
Шест апостоли, 1480 година
Свети Меркуриј го коле Јулијан
Свети апостоли Петар и Павле XV век
Икона на Свети Никола од 15 век
Икона на Исус Христос од XVII век