• 29.03.2024 13:25

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

100 години од загинувањето на Пере Тошев

Петар Наумов Тошев е македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација.


Пере Наумов Тошев е роден во 1865 година во Прилеп, во семејство на богати и видни иселеници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдивската гимназија. Истата година, во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организирале револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Исто така, тој бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугарија во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив.

Истата година, тој зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на Битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одликуван со „Орден за храброст“. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Притоа, тој бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум Кале (Бодрум Кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон.

Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстевски, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање. По востанието, тој бил еден од главните претставници на Реформската струја и се залагал за широка децентрализација на Организацијата. Исто така, бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата.

Од 1910 до 1911 година бил училиштен инспектор на училиштата во Солунскиот округ. Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија била поделена на спорна и беспорна зона. Пере Тошев побарал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен.

Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Така, под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш.

Во 1996 година, неговите посмртни останки биле префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.