• 01.07.2022 09:53

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Илиевски: На УКЛО-Битола му е потребен нов ректор, но не со кандидати за ректори кои немаат капацитет

Пред некоја седмица заврши објавениот јавен оглас за избор на ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола (УКЛО), согласно Законот за високо образование (ЗВО) за време од три (3) години, односно за период од 01.10.2022 до 30.09.2025 година.

Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола, е втор државен универзитет во Република Македонија. Формиран во 1979 година, и трае веќе 43 години. Од основањето на овој универзитет до денес, докторирале вкупно 404 доктори на науки.

УКЛО-Битола за овие четириестина и нешто години, имал развој и по некој пад со истакнати ректори кои оставиле печат на овој втор универзитет по најстариот и најдобриот УКИМ-Скопје.

За жал, моите анализи и констатации говорат дека во последниве (5-6) години УКЛО-Битола во делот на образованието, науката и развојот е на недозволиво ниско скалило. Како што говорат поголем број професори некои во пензија, а други пред пензија дека на УКЛО-Битола му е потребно силно, посветено раководство и раководител кои ќе го стават универзитетот на пиедесталот на повисоко образовно научно рамниште во Република Македонија и пошироко, каде што некогаш и бил. Каде е сега УКЛО-Битола!!!

Па еве:

Последно рангирање кое го извршил Шангајскиот Џио Тонг универзитет (Shanghai Jiac Tong university) од Народна Република Кина на високообразовните институции во Македонија, а по барање на МОН, е направено 2013-2014 година, а всушност треба да се спроведува задолжително на секои две години??? Од извршеното рангирање-рејтингот на високообразовните институции се земени и се мерат следните параметри (индикатори) и тоа во: наставниот процес, научните истражувања, наставната средина, престижност, реализација и врска со пазарот на трудот…! Рангирањето и рејтингот е следен: Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола е на петто (5) место во Македонија. Пред него, на четврто (4) место е УИНТ-Охрид, трето место е ЈИЕ-Тетово, второ место е УГД-Штип и на прво место и најдобар е УКИМ-Скопје. Универзитетот Тетово е на деветто (9) место, најслаб од државните универзитети во Македонија.

Во организација на „Вебометрикс“-„Webometriricg Ranking of Worid Universities“-Шпанија, за 2022 година беа објавени рангирањата на универзитети во светот, што оваа организација ги прави повеќе од 15 години, а според методологијата се мерат научните достигнувања на персоналот по универзитети и нивното влијание во светот. Каде се македонските универзитети? Веднаш да истакнам дека, нашите македонски универзитети, не се наоѓаат ниту во првите петстотини (500), ниту пак во првите илјада (1000) на ранг листата. Нашиот најстар и најдобар Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, се наоѓа дури на 1594-то место. Според оваа листа од македонските универзитети, според рејтингот, втор е универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на 3711-то место, трет е ЈИЕ-Тетово на 4547 позиција, четврти е УТ-Тетово на 4610-то место, кој инаку е милениче на политичката партија ДУИ, криминален – со сомнителни научни трудови, дипломи, корумпиран, непотистички универзитет со непочитување на законите, а најмалце се обрнува внимание на образованието, наставниот кадар и науката… Петти е универзитетот „Свети Климент Охридски“- Битола на 6304-то место. Кога сме кај овој универзитет, со право има реакции од страна на многу професори кои велат „ваков неспособен ректор како што е Сашо Коруновски не сме имале. На претходниот ректор (Жоглев) може да му носи вода“. Од причина што си ги „гледал личните интереси“, велат професорите, си ангажирал „личен адвокат“, да го застапува него и универзитетот, со постоечки генерален секретар на универзитетот, со катастрофални наставни програми (Економски факултет-Прилеп…), со немање соодветен наставен кадар на многу факултети, а да не се зборува за научна-истражувачка дејност, опременост… Што констатирате почитувани мои читатели или од академската фела на кое дереџе е УКЛО-Битола, а тоа е 6304-то место, додека УТ-Тетово е на 4610-то место. Самите анализирајте!?

Македонскиот бродолом на високото образование и наука
Или, на Шангајската ранг листа за 2021/2022 година, УКИМ е на 1944 место од вкупно 2000 универзитети во светот. Самиот овој податок е поразувачки. За другите универзитети во Македонија да не зборуваме, ги нема никаде-амбис!!! Ова е високообразовен македонски срам! До кое дереџе сме.
Што работи УКЛО-Битола?
Еве сега му завршува (вториот) мандат на ректорот Сашо Коруновски. Универзитетот со овој ректор и со овие проректори никогаш не бил на ова скалило. И сега (по договор со ректорот) по објавениот оглас за избор на ректор се јавуваат и се кандидираат неговите блиски проректори проф. д-р Љупчо Кочоски, кој е проректор за настава, и проректорот проф. д-р Игор Неделковски, кој е проректор за наука. Овие проректори заедно со досегашниот ректор го доведоа Битолскиот универзитетот на дното од скалилото. Каков е овој срам и трагедија, мои читатели, а и вие со наставно-научни и со соработнички звања! Наместо да сносат одговорности за образовното криминално работење и менаџирање со универзитетот, односно со факултетите во договор со ректорот Сашо Коруновски, се кандидираат за ректори, овие проректори – проф. д-р Љупчо Кочоски и проф. д-р Игор Неделковски. Да, господа проректори, имате право да се кандидирате, тоа е уставно право, но немате морално-етичко право. Зошто? Затоа што господин Љупчо Кочовски е главен за наставата на универзитетот и факултетите. Кажете што направивте за обновување за наставниот кадар, колку има нови соработници по факултетите. Каква е состојбата со млад наставен кадар на Техничкиот, Економскиот, Педагошкиот, Технички-технолошкиот во Велес, факултетот за Туризам во Охрид, Ветеринарниот… каква е состојбата со нагледност, опременост со внатрешна инфраструктура. Студенти се’ помалце. Состојбата е жална и катастрофална!

Господине проф.д-р Игор Неделковски – проректор за наука на универзитетот и факултетите, кажете што сторивте за науката на овој универзитет и за факултетите. На кое скалило е универзитетот во науката. Резултатите што покажуваат, ве нема на светските ранг листи. Ве има, ама каде? Во амбис. Се јавувате за ректор. Да имате право. Но, каде ви е етичкиот стандард? Ви ги читам изборните програми со кои се кандидирате за ректор. Ги читам и се чудам, ова е демагогија и голема лага. Незнам кој ви верува, со овие изборни прогграми сакате да се презентирате пред наставно-научните совети или пред јавноста!!! Добро, но со кое лице? Каде го дотеравте универзитетот Вие проректори заедно со досегашниот ректор Сашо Коруноски? Голема лага! Вие немате капацитет. Немате визија! Но, одлуката е на Вас наставници! Ако имаа капацитети и визии овие двајца кандидати ќе направеа нешто за науката и наставата, како и за подновување со нов млад амбизиозен кадар. А, не младиот кадар го запоставувате и мораат да си одат надвор од Македонија. Вие го бркате амбициозниот млад кадар! И не само тоа, Вие заедно со досегашниот ректор ги злоупотребивте вашите надлежности кога го суспендиравте наставно-научниот совет на Технички-технолошкиот факултет Велес при избор на кандидат за избор во наставно – научно звање! (види:novamakedonija.com.mk/kako se unishtuva makedonskiot obrazoven kadar/) А, за финансиското работење на овој универзитет, ќе треба да се позанимаваат и надлежните институции, како и Јавното обвинителство.

Затоа почитувани вработени на УКЛО-Битола, на овој универзитет му е потребен нов ректор, ама не со овие проректори кои се кандидати за ректори кои немаат капацитет, а тоа и го покажаа. Потребна е промена со нови луѓе кои имаат визија, кои се прогресивни и ќе го гледаат интересот на универзитетот. Такви луѓе има универзитетот. Вие сте на потег.

Битолскиот универзитет тоа и го заслужува.

P.S. Нека ни е за многу години сесловенскиот празник Свети Кирил и Методиј, нашите просветители, кои од Македонија го просветлија целиот славјански род!!!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес.