• 26.04.2024 06:26

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Добро утро наставнику!

ByJane Jancheski

Jul 22, 2022

Се сеќавате ли кога учениците им стануваа на наставниците?

Порано, кога наставникот или наставничката ќе влезеа во училница, учениците стануваа и ги поздравуваа со добро утро, добар ден, довидување… Зошто оваа пракса исчезна, што мислите вие на оваа тема?

Деновиве на социјалните мрежи во соседството почна дебата за тоа дали учениците треба да станат кога наставник или професор ќе влезе во училница или не. Некои се за станување, други се против, на некои им е сеедно, па решивме да провериме како стојат работите кај нас. Оваа дилема ја поставуваме и пред нашите читатели, но и пред просветните работници.

Наставничката по македонски јазик, Катерина Аницин вели дека оваа пракса, учениците да стануваат кога наставникот или наставничката ќе влезе на час функционирала до пред една-две генерации ученици, значи, до пред 15-16 години, но дека денес е вистинска реткост.

Таа никогаш не настојувала на ова, па им ја препуштала одлуката на учениците, да прават како ќе им дојде, но додава и дека ретко им доаѓа.

Наставникот Гоце Бумбароски од Прилеп вели дека во неговата училница нема правило за станување кога влегува наставникот, но има правило за поздравување (добро утро, добар ден, догледање, пријатен ден, убав викенд).

„Од прво до трето одделение дури и кога одговараат оставам да изберат дали тоа ќе го направат со седење или станати, од место или пред табла. Во четврто и петто одделение ги потсетувам дека е културно да дигаат рака, да ги почитуваат другите и да станат кога одговараат. Но не инсистирам да станат кога влегува наставникот. Дури и не ми пречи кога ми се обраќаат со ТИ, наместо со ВИЕ. Немам комплекси. Како што честопати изјавувам: со учениците сум другарче, а другарството треба да се почитува, да се гради и да се одржува, да се има взаемно почитување, поддршка и заеднички успех“, вели Бумбароски.

Некои наставници сметаат дека е ова само уште една реликвија од ерата „ех, во мое време…“.

И навистина, токму тоа си го помислив и јас, дека во мое време станувавме кога ќе влезеше наставникот или наставничката во училницата и велевме, добро утрооо наставничке/наставнику! Дури еднаш, иако сакавме да се пошегуваме со наставничката по историја во основното училиште во кое учев, па цела училница ја превртевме наопаку, односно, ги свртевме клупите и столиците така што, кога ќе влезе наставничката ние да ѝ бидеме свртени со грбовите, сепак кога влезе станавме и ја поздравивме, свртени со грбот. Тоа беше една детска ученичка шега, ама поздравот со станувањето важно сме го испочитувале, зашто таков беше редот.

Очигледно, овој ред веќе одамна не постои и наставниците денес се свесни дека ова време е минато и за нив станувањето е сосема ирелевантно бидејќи го сметаат за површна форма, зад која не мора да има вистинска почит кон наставникот.

Трети пак резигнирано велат дека исчезнувањето на оваа дамнешна долгогодишна пракса е логична последица од општата состојба во општеството, слика на домашно воспитување, но и дека нема да ги чуди ако наскоро почне праксата наставниците да стануваат кога ќе влезат учениците.