• 26.03.2024 18:34

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Охрид центар на електронската музика следниот викенд, светски диџеи на „Охрид колинг“

Познати светски диџеи и годинава ќе настапат на фестивалот „Охрид колинг“ што од 29 јули до 1 август ќе се одржува во Касарната во Охрид, во организација на Авалон продукција.

Седмото фестивалско издание, како што информираше денеска на прес-конференција Бобан Милошески, сопственик на Авалон продукција, на сцената ќе го донесе Timmy Trumpet, кој е меѓу топ 10, на листата за диџеи за 2022 година.

– Секоја година се трудиме да донесеме некое име, кое не само што никогаш не било во Охрид, туку ни во регионот. Така сега го имаме Timmy Trumpet, кој е меѓу топ 10 диџеи за 2022 година, но интересно е што тој има премиера на Балканот. Во понеделник е неговиот настап. Првиот ден е настап на Lost Frequnecies, кој што беше многу одамна во 2016/2017 година. Во сабота е Vini Viki, кој мислам дека е најголем миленик на македонската публика, во недела се W&W кои се пионери во краут контроли и некои други работи кои ја одбележуваат оваа музичка сцена. Диџеи од цел свет, од Австралија, Јапонија, Холандија, Германија и од земјава, доаѓаат во Охрид, истакна Милошески.

Фестивалот, според него, од година во година, станува се поголем европски бренд, а интерес имало и кај светската публика. Доказ за тоа, нагласи е резервацијата на билети од Јапонија.

– Охрид ќе биде голем европски центар, кога се електронска музика и овој тип на настани во прашање наредниот викенд. Оваа година добивме Општина која многу побрзо и покоректно и конкретно размислува кога е нашата работа во прашање исто како и имиџот на Охрид и се надевам дека во наредниве неколку години во сите сегменти ќе работиме многу повеќе во Охрид. Ќе се обидеме повторно и некој сериозен рок концерт да направиме, не сме направиле десетина години. Моето мото оваа година е „Ако Европа не не сака, а де факто не не сака, нас ни преостанува само светот да го носиме во Македонија, а Охрид е дел од светот, нагласи Милошески.

За охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, Охрид и оваа сезона е еден од најатрактивните центри во регионот, кој може да се пофали со музичка забава и концерти од светски ранг.

– За овој епитет голема заслуга имаат докажаните професионалци од Авалон продукција кои преку „Охрид колинг“ ги носат во Охрид најпознатите ѕвезди од електронската музика. Со организирањето на овој фестивал Охрид зазема препознатливо место на мапата на музички настани и привлекува бројна публика од цела Европа, забележа Пецаков.

Четиридневното случување, според него, значително ја збогатува и туристичката понуда за гостите и туристите, кои веќе летуваат тука.

– Сметам дека оваа современа фестивалска приказна треба да продолжи да живее и да се надградува, затоа и Општина Охрид го поддржува настанот отстапувајќи ја инфраструктурата. Верувам во капацитетот и искуството на Авалон и убеден сум дека и оваа година љубителите на електронската музика ќе уживаат во неповторливите музички настани и ќе понесат најубави спомени од Охрид, рече Пецаков.