• 19.04.2024 14:15

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

РКЕ објави: Еве колку поскапува парното од август

Bysrs-moderator

Jul 29, 2022 #рке

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски денеска соопшти за колку проценти поскапува цената на топлинската енергија. Новата цена почнува да важи од 1 август, односно од понеделник.

За најголем дел од корисниците (над 90 проценти) на топлинска енергија, кои снабдување добиваат преку БЕГ, цената ќе се зголеми за 14,18 проценти.

За корисниците на железарско греење цената ќе биде повисока за 15,58 проценти. Корисниците на мрежата Скопје-Север ќе плаќаат повисоки сметки за 16,31 процент.

Тоа значи дека кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето би било 250 денари.

-Единствена причина за зголемување на цените е драстичното зголемување на цената на природниот гас која е за 10 пати повисока во однос на цената минатиот период, истакна Бислимовски.

Нагласи дека предвидуваат ТЕ-ТО да работи со 70 проценти од потребите на потрошувачите, а останатите потреби да ги обезбедат топланите во Скопје.

Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите.

Доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата, како што посочи Бислимоски, цената би се зголемила за над 100 проценти.

– Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут, што е многу неповолно од еколошки аспект, и е ризично заради потенцијалната неможност да се обезбедат потребните количини на мазут, рече Бислимоски.

Апелира до сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.

– Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5 проценти, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.