• 29.03.2024 06:32

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Ќерката на Талат Џафери, Бесиана ќе врши надзор за скопјани в зима да имаат квалитетно греење

Како што објави порталот Фактор, АД ЕСМ ги регистрира трите компании со кои ќе се пријави на владиниот оглас за превземање на парно-греењето во Скопје од БЕГ. Дејноста на сите три претријатија е снабдување со пареа и климатизација на адреса на управата на државните електрани.

За таа цел формирани се три субјекти – ЕСМ снабдување со топлина која ќе ги наплатува сметките, ЕСМ дистрибуција на топлина која ќе ја превземе топловодната мрежа и ЕСМ производство на топлина што ќе треба да пронајде начин како со набавка на природен гас ќе затоплува околу 60.000 скопски домаќинства.

Месуд Јакупи (ИТ администратор), шефот на изборниот штаб на ДУИ во Студеничани, доби шестмесечен мандат како директор на ЕСМ снабдување со топлина, а во надзорниот одбор членуваат битолчанецот Петар Петровски, ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Бесиана Џафери Беќири од Чаир и Зорица Гиовска од Гази Баба.

Во најважното претпријатие – ЕСМ производство на топлина за директор е назначен кичевчанецот Златко Пиперкоски, електроинженер кој лани беше разрешен од позицијата директор на РЕК Осломеј. Надзорниот одбор е составен од Соња Стефановска и Љубчо Кижевски од Скопје и Валбона Халили од Кичево.

За директор со мандат од шест месеци во ЕСМ дистрибуција на топлина е назначена Менка Јовановска од Битола како дипломиран машински инженер, а тројцата членови на Надзорниот одбор се Александра Маројевиќ, Џевит Ковачи и Билјана Николова, инаку сите од Скопје.

Владата го задолжи АД ЕСМ – Скопје да основа три трговски друштва со ограничена одговорност што ќе вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје. Ваквиот чекор следи откако Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) ги одзеде трите лиценци на компанијата БЕГ за производство, диструбуција и снабдување со топлинска енергија.

Владата на РСМ ќе треба да го распише јавниот повик за избор на нова компанија што ќе ги дава услугите за кои досега беше задолжен БЕГ, на кој веќе е сигурно дека ќе се јави АД ЕСМ. Во меѓувреме генералниот директор Васко Ковачевски рече дека овие претпријатија ќе се потпрат на сопствени кадри, но и ќе превземат вработени од БЕГ.