• 29.03.2024 03:07

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Анализа на професор Нацев за ВЕЧЕР за учеството на македонски државјани на боиштата во Украина

Македонското МНР нема информации за евентуално учество на македонски државјани во војната во Украина, по објавата на руското Министерство за одбрана дека меѓу странските платеници што се борат на украинска страна, имало и 79 наши граѓани. Според руските информации, од нив убиени се 26, вратени се 21, а активни на фронтот се уште 32 лица од земјава. Според воено-политичкиот аналитичар доц. д-р Александар Нацев, декан на Факултетот за детективи и криминалистика при Европски универзитет – Скопје, македонските безбедносни служби се оние што треба да ја имаат точната информација. – Ако го гледаме конкретно МНР, мора да се признае дека е возможно тие да немаат релевантни информации за точната бројка, бидејќи, можеби, голем дел од лицата илегално влегле во Украина – изјави за весникот ВЕЧЕР доц. д-р Нацев

Во судирите во Украина, според руски воени извори, учествувале и седумдесетина македонски државјани, кои, како платеници, се бореле заедно со украинските сили, но МНР нема информации за тоа. Според воено-политичкиот аналитичар доц. д-р Александар Нацев, декан на ФДК на Европски универзитет, македонските безбедносни служби се оние што треба да ја имаат точната информација и постојано да ја следат ситуацијата.

– Нашето МНР неколку пати веќе излегува со изјави и категорично демантира присуство на наши државјани на боиштата во Украина, додека руската страна, пак, излегува со сериозни бројки за присуство на наши борци во составот на украинските сили. Факт е дека преку украинската амбасада во Македонија, имаше јавен повик за ангажирање доброволци што би се бореле во состав во тогашната новоформирана украинска „легија на странци“, но, сепак, јавноста не знае дали и колку луѓе со пријавиле на тој повик. Јавноста не знае, но безбедносните служби (особено АНБ) би требало да ја имаат оваа информација, додека Агенцијата за разузнавање, пак, би требало да има информација колку лица веќе се во Украина. Ако го гледаме конкретно МНР, мора да се признае дека е возможно тие да немаат релевантни информации за точната бројка, бидејќи, можеби, голем дел од лицата илегално влегле во Украина, без да бидат евидентирани од граничните органи (слична ситуација како кај лицата што одеа да се борат за ИСИС во Ирак и во Сирија), но пак ќе потенцирам дека нашите безбедносно-разузнавачки служби треба да ја имаат точната состојба – изјави за весникот ВЕЧЕР доц. д-р Нацев.

Министерството за надворешни работи нема информации за евентуално учество на македонски државјани во војната во Украина, по објавата на руското Министерство за одбрана дека меѓу странските платеници што се борат на украинска страна, имало и 79 наши граѓани.

– Министерството за надворешни работи не располага со релевантни информации поврзани со евентуалното учество на наши државјани во војната во Украина, ниту загинати наши државјани во војната. Постојано и внимателно ја следи ситуацијата, преку Амбасадата во Украина. Штом има нови информации, јавноста ќе биде информирана – соопштија од МНР.

Властите во Москва објавија табела за, како што ги нарекуваат, странски платеници што се борат на страната на Украина. Меѓу земјите од кои доаѓаат „платеници“ во Украина е и Македонија. Според руското Министерство за одбрана, од почетокот на војната досега, на украинска страна се бореле 79 македонски државјани, од кои убиени се 26, вратени се 21, а активни на фронтот се уште 32 лица.

ВЕЧЕР