• 28.03.2024 15:39

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ „Стартот на учебната година со старо нови предизвици и нерешливи проблеми“

Весна Јаневска, претседател на комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина во организација на партијата насловена „Стартот на учебната година со старо нови предизвици и нерешливи проблеми“ вели дека учениците секоја година се соочуваат со истите предизвици и проблеми, додавајќи дека учебната година започнува со доделување на свидетелствата од претходната година бидејќи печатницата навремено не ги испечатила истите.

Свидетелствата се доделуваат еден ден пред почеток на новата учебната година, односно наместо во јуни да се доделат свидетелствата и тоа да биде свечен чин да се радуваат учениците, тоа се случува во последните денови од распустот. Знаете дека матурантите се запишуваа со слики од е-дневникот што е според мене апсолутно недозволиво а причина за тоа беше што печатницата која го добила тендерот не ги испечатила на време, рече Јаневска.

Јаневска укажа дека најстрашно од се е што училиштата немаат добиено учебници, како и дека она што е добиено не се учебници туку материјали за учење за првото тромесечје а во една книга се вклопени дури по три предмети.

На што според мене е најстрашно е немање на учебници. Она што деновиве некои училишта генерално скопските го добиваат, а во внатрешноста и до денес нема стигнато се таканаречени материјали за учење за второ и петто одделение, во една книги се вклопени три предмети и за кои и министерот и министерството соопштија дека ќе бидат само за првото тромесечје. Каде е одговорноста, зошто нема учебници, праша таа.

Јаневска укажа дека проблем има и со обуките на наставниците, бидејќи истите наместо да се реализираат пред почетокот на учебната година, истите ќе се реализираат во текот на септември месец кога наставниците треба да бидат на настава со учениците.

Она што е многу важно е и енергетската криза, греењето на училиштата и нормалното функционирање во зимските месеци. Има ли по приоритетно нешто од децата, од нашата иднина, тие се богатството на државата и наместо да им се овозможат убави услови на учениците за работа, училиштата се префрлени на индустриска струја наместо да бидат на регуларен пазар без никакво образложение, но ми се чини дека единствената причина за тоа е затоа што во моментот има поголем број на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Јаневска.

На денешната трибина во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Стартот на учебната година со старо нови предизвици и нерешливи проблеми“, учествуваше и Магдалена Петреска, долгогодишен наставник и директор на едно од скопските училишта.

Таа потенцираше дека во месец август, наставниците наместо да се спремаат за почетокот на новата учебна година, тие се навраќаат назад и пополнуваа свидетелства за постигнатиот успех на учените.

Во однос на доцнењето на доделувањето на свидетелствата, Петреска истакна дека со нивното недоделување во месец јуни, кога и вообичаено се делеле, што стана се почеста пракса, како да се подзаборави на среќата на учениците кога на крајот на учебната година дома си одеа со постигнатиот успех.

„Секој ученик во образованието, години наназад, свидетелствата за постигнатиот успех за тековната година ги добивале кон крајот на месец јуни и со тоа, учениците официјално ја завршуваа тековната учебна година. Меѓутоа, за жал, во изминативе години гледаме дека стана се почеста пракса, каде што онаа среќа учениците да дојдат дома со постигнатиот успех, е подзаборавена. Наставниците во периодот на месец август, наместо да се подготвуваат за новата учебна година, тие требаа да се вратат наназад и да ги пополнат, навистина во последните денови, свидетелствата на учениците“, рече Петреска.

Петреска посочи дека од нејзиното назначување на раководната директорска функција се соочила со голем број проблеми и предизвици, како што е враќањето на мотивот и желбата на наставниците, која што изминатите години беше изгубена, за целосно вклучување и посветување на пренос на нивните знаења кај учениците.

Таа го потенцираше и проблемот со електронскиот дневник, во кој што не можеа да се вметнат изборните проблеми по новата концепција, посебно за четврто одделение, но сепак наставниот вложи максимални напори за изнаоѓање на начини за реализација на целосната предвидена наставна содржина

„Од самото назначување па навака како директор, се соочив со голем број на проблеми. Најнапред имавме проблем во однос на електронскиот дневник во четврто одделение, каде што изборните предмети по новата концепција, којшто се два. Едниот во прво полугодие другиот е во второ полугодие, не можевме на крајот на учебната година, односно во второто полугодие, да се избере во електронскиот дневник вториот наставен предмет кој што е застапен по новата концепција. Наставниците се снаоѓаа како умееја да ги допишат сите наставни содржини. Најголемиот проблем се јави кога требаше да се доподелат свидетелствата, односно да се генерираат оцените по предметите во четврто одделение“, истакна Петреска.

Ние континуирано доаѓаме до еден заклучок дека има целосна неподготвеност од страна на СДСМ кога е во прашање образованието и образовниот систем и тоа се провлекува во континуитет пет години без разлика колку и министри да се променија во тоа министерство за образование и наука како образованието да е далеку од низата на приоритети на оваа влада и тоа е факт кој што го гледаме преку протестите кои што се случуваа и преку сите овие предизвици со кои што немаат стратегија и концепт како да се справат, вели Марија Митева портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Стартот на учебната година со старо нови предизвици и нерешливи проблеми“.

Митева праша дали од Министерството за образование и наука се свесни дека треба да понесат одговорност за она што треба да биде применето во училиштата за да има непречена работа, а не е сторено тоа.

Дали министерството за образование и наука е свесно дека е потребно да се понесе одговорност за целиот пред се процес кој што врз основа на законите треба да биде применет во сите училишта за да има непречена работа понатаму, праша Митева.

Митева истакна дека од реформите кои што всушност ги понуди владата на СДСМ се само продлабочување на проблемите со кои се соочува образовниот систем веќе петта година по ред.

Ние веќе петта година ја започнуваме со огромни проблеми во образованието кое врз текот на годините само се зголемуваат и продлабочуваат. Алармираме постојано, и комисијата за образование и наука на партијата континуирано ја следи работата на министерството, апелирате и дава мерки. Но, за жал од страна на власта предводена од СДСМ не гледаме дека имаат искрена желба нешто да се промени. Оние реформи кои што тие ги понудија е немање учебници, исклучување на предмети од образовниот процес и воведување на реформа која што само ќе ги продлабочи проблемите со кои што се соочуваме, посочи Митева.

Митева изјави дека поради неспособноста и криминалот на СДСМ неизвесен е стартот на учебната година без учебници.

Мораме да нагласиме дека колку големо оптеретување за родителите е стартот на учебната година, согласно инфлацијата, зголемената сиромаштија и енергетската криза, а од друга страна гледаме како владата континуирано е со криминал и корупција во секој еден сегмент од општеството, заклучи таа.

За жал како и се останато во овие 5 години, со СДСМ е само импровизација, што не смее да се случува во образованието и во училиштата, изјави предметниот наставник Никола Стојковски на денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ, насловена „Стартот на учебната година со старо нови предизвици и нерешливи проблеми“.

Стојковски посочи дека електронскиот дневник е уште едно импровизирање.

„Во однос на електронскиот дневник уште едното импровизирање, нели беше најавено како реформа во која ќе ја олесни административната работа на наставниците со цел наставниците да се посветат на примарното т.е. да ги мотивираат учениците да бидат креативни, да се посветат на планирањето и наставата“, рече Стојковски.

Тој посочи дека за жал ние сега имаме една ситуација каде електронскиот дневник треба да го ископираат, да го стават во кластер, буквално истата работа ја прават, што ја правеле и со пишаниот дневни, само уште покомплицирано.

„На електронскиот дневник се случуваше ние да внесеме кога е преоптоварен тој да ги измеша учениците по реден број, па тука да настане проблем за внесување во главна книга. Значи еден тотален хаос и повторно само една импровизација“, кажа Стојковски.

Стојковски потенцираше дека од наставниците се бара да имаат повеќе компјутерска опрема, да користат компјутери, таблети итн, а притоа не се прави анализа по училиштата дали имаат адекватни училници, простории, дали имаат интернет дали тоа може да биде во функција на учениците, а да не биде само импровизација.

Вечер