• 04.02.2023 22:06

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Македонија ќе набави од Франција систем за противвоздушна одбрана

Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ француски систем за противвоздушна одбрана на мали височини „Мистрал“, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција, информираше на денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието, министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Образложи дека станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

„Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата. Во изминатите две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија“, велат од Министерството.

Се работи за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.

Како што е наведено, договорот ќе биде склучен наскоро, а за типот на воена опрема и за динамиката на испорака јавноста ќе биде информирана.