• 28.03.2024 14:34

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Што во суштина се интернетот, Deep Web и Dark Web?

Интернет

Интернетот е местото што го знаеме, сајтовите кои редовно ги користиме, кои се индексирани од пребарувачите за да можат едноставно да се најдат, и сите имаат пристап до нив.

Deep Web

Скриениот дел од интернетот првично се викал токму така „Hidden Web“, за подоцна, во 2001 година да биде наречен „Deep Web“. Неговата главна карактеристика е раширеноста на информациите.

Deep Web, „скриен“ или „невидлив“ интернет е дел од World Wide Web до кој може да се пристапи преку стандардните интернет пребарувачи, но кој главните пребарувачи не го индексирале. Deep Web се состои од голем број бази на податоци, е-маил сервиси, онлајн банкарски сервиси и други кои се заштитени со шифри. Постојат разни причини зошто тие не се индексираат во видливиот дел на интернетот, како неадекватна конфигурација на страници или сервиси, понекогаш и намерно се изоставени од пребарувањата, потребни се различни барања за регистрација или некои други ограничувања на пристапот до содржината.

Добар пример на документи кои се наоѓаат на Deep Web е кога, да речеме, барате некоја книга која ви е потребна за некој текст и во стандардните пребарувачи не наоѓате резултати. Тоа е така бидејќи податоците кои се поврзани со таа книга не се индексирани, па се наоѓаат на Deep Web. За да добиете повеќе податоци токму за таа книга ќе биде потребно да се споите на страницата на книжарницата, и во нивниот пребарувач да ги впишете потребните податоци.

Уште еден пример кој може да ви долови што всушност претставува Deep Web е именикот до кој не можете да пристапите директно од стандардните пребарувачи, туку морате да отидете на определена страница, да речеме на телеком компании. Единствено преку тие сајтови можете да добиете податоци за определен телефонски број.

Значи, на Deep Web се наоѓаат податоци и содржина која е невидлива на директните пребарувачи но не се тешко достапни. Deep Web не е нешто посебно мистичен, ниту илегален.

Разбирањето на Deep Web е важно, пред сѐ за да знаете дека постои уште голем број податоци до кои како новинар/ка можете да дојдете. Со пристапување до некои страници преку внесување на свои податоци – е-маил, шифра, или кој било друг податок, пристапувате до Deep Web. Ова е добро бидејќи навистина би било чудно секој да може да го внесе вашето име и презиме во пребарувачот и да ги добие сите податоци за вас. Deep Web служи за да се заштитат податоците и приватноста од достапноста на оние кои би сакале да ги искористат тие податоци.
Deep Web е основна алатка која им служи на новинарите/ките за пристапување до определени информации кои не е можно да се пронајдат на регуларните пребарувачи.

Dark Web

Dark Web, од друга страна, му припаѓа на најдлабокиот и најцрниот дел од интернетот. Често за него се врзуваат негативни конотации, како поради името „Dark“ така и поради фактот дека често се користи за илегални цели. Тоа е дел од интернетот кој се состои од веб страници кои постојат единствено во мрежите кои се криптирани и кои не можат никако да се пронајдат со генерално пребарување и со стандардни пребарувачи како Google.

Одењето на Dark Web бара доста знаење за функционирањето на интернетот, потребни ви се дополнителни алатки за „копање“ во интернет сферата и секако намерата поради која го правите тоа.

Во 2015 година основачот на страницата Silk Road е осуден на доживотен затвор поради фактот дека неговата страница работела преку интернет со црниот пазар. Во текот на активноста на страницата, преку 100.000 луѓе ја користеле страницата за различни илегални дејствија на црниот пазар. Dark Web често кокетира со илегални дејствија, и владините безбедносни агенции се обидуваат да дојдат до овие илегални дејствија за да го запрат ширењето на црниот пазар.

Најчесто се влегува преку некои TOR сервиси, бидејќи тие го префрлуваат сообраќајот од едно место на друго, па давателите на интернет услуги (ISP) не можат да откријат кои страници сте ги посетувале, додека од друга страна посетените страници немаат информации за вашата физичка локација. Повеќе за TOR пишувавме порано во текстот The Onion Router за безбедни и анонимни активности на интернет. Покрај TOR постојат и некои други сервиси кои се користат за пристап, како I2P, Whonix, Subgraph, Tails.

Спојувањето на Dark Web не значи дека го кршите законот но на Dark Web можете да го прекршите законот дури и со случаен клик врз некои линкови, затоа бидете внимателни.