• 18.04.2024 19:05

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Во САД се одбележува 21 година од терористичките напади на 11 септември

Bysrs-moderator

Sep 11, 2022 #сад

Со биење на камбаните и едноминутно молчење започна церемонијата по повод дваесет и првата годишнина од терористичките напади во Њујорк, каде што беа уништени кулите близначки на Светскиот трговски центар откако киднапираните авиони се урнаа врз нив на 11 септември 2001 година.

Роднините на жртвите и официјални лица се собраа и на другите места каде што киднапираните авиони се урнаа на 11 септември, односно Пентагон и поле во Пенсилванија.

Потпретседателката на САД, Камала Харис и нејзиниот сопруг, Даг Емхоф, се приклучија на церемонијата пред Националниот споменик на 11 септември во Њујорк, но традиционално, ниту една политичка личност нема да зборува на церемонијата на нулта точката.

Американскиот претседател Џо Бајден ја одбележа 21-годишнината од нападите на официјална церемонија во Пентагон, при што положи венец.

Денешната церемонија се одржа нешто повеќе од една година откако Бајден стави крај на долгата и скапа војна во Авганистан, која САД и нивните сојузници ја започнаа како одговор на терористичките напади, пишуваат американски медиуми. Бајден истакна дека дури и откако САД го напуштија Авганистан, неговата администрација продолжи да ги гони одговорните за нападите од 11 септември. Минатиот месец тој објави дека во тајна операција САД го убиле Ајман ал Завахири, водачот на Ал Каеда кој помогнал во планирањето на нападите.

– Никогаш нема да заборавиме, никогаш нема да се предадеме, рече Бајден. – Нашата решеност да спречиме нов напад врз САД е непоколеблива, додаде тој.

На претседателот му се придружија членовите на семејството на жртвите, итните служби кои беа во Пентагон на денот на нападот и раководството на американското Министерство за одбрана. – Имаме кон вас еден неверојатен, неверојатен долг, рече Бајден.