• 29.03.2024 17:00

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Македонија го одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Денеска Македонија го одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Празникот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.

Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.

Основачите на Македонската револуционерна организација

Поради важноста на историскиот настан на 23 октомври, Владата на Република Македонија во чест на празникот има востановено доделување на наградата „23 Октомври“.

Таа се доделува како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата и промоција на државните интереси, вредности и културно-историското наследство на Македонија. Во една година наградата може да се додели најмногу на пет лица. Паричниот износ на наградата изнесува 10 просечни плати исплатени во последните три месеци од тековната година. Први добитници на наградата се етнологот Танас Вражиновски, Тахир Зајази, истакнат педагог и методичар и Гане Тодоровски, афирмиран поет, критичар, преведувач, и книжевен полемичар. Наградата се доделува во Свечената сала на Собранието на Република Македонија.