• 19.04.2024 19:06

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Македонија со највисока инфлација во последните 25 години

Тоа што македонските граѓани во изминатите месеци го гледаа во маркетите преку постојаното покачување на цените на основните животни намирници доби и официјална потврда со висината на инфлацијата, која е „измерена“ и од државната статистика. За само една година, од октомври минатата година до минатиот месец, инфлацијата во Македонија пораснала за дваесет проценти. Индексот на трошоците на животот во октомври 2022 година, во однос на октомври 2021 година, бележи зголемување од 19,8 отсто. Цените на мало се исто така драстично зголемени и само за една година е забележан раст во просек од 15,4 отсто, но загрижувачки е што цените на основните прехранбени производи се покачени за над 30 отсто. Најголемо поскапување има на лебот, за 47,7 отсто, и на млекото, сирењето и јајцата, за 40,7 отсто. Маслото за јадење е поскапо за 40,3 отсто, месото за 28,6 проценти, зеленчукот поскапе за 22,4 отсто, а овошјето за само една година е поскапо за 15,5 отсто.


Инфлацијата и покачените цени влијаат врз куповната и платежната моќ на граѓаните. Сега синдикалната потрошувачка кошничка изнесува 51.514 денари, односно за да може да преживее четиричлено семејство, потребни се речиси три минимални плати од по 18 илјади денари. На ова треба да се додадат и цените на електричната енергија, топлинската енергија и транспортот, кои исто така се драстично повисоки од октомври минатата година. Најголемо зголемување на цената има на топлинската енергија – 30 отсто, а електричната е поскапена за 20,2 отсто. Транспортот е поскап за 17,7 проценти, покажува статистичките податоци на ДЗС.

Граѓаните во Македонија ја „плаќаат“ највисоката цена од економската криза во споредба со сите други земји од нашето поблиско опкружување. Според најновиот извештај на Светската банка, Македонија има највисока стапка на инфлација во изминатите 25 години, а проекциите се дека инфлацијата ќе расте, додека државава се соочува и со ризик од стагфлација, односно раст на цените при намалено производство. Во септември, инфлацијата во Македонија изнесувала 18,7 отсто, во Србија 14 отсто, во Хрватска 12,8 отсто, во Босна и Херцеговина 17,3 отсто, во Црна Гора 16 отсто и во Словенија 10 отсто. Во октомври, инфлацијата во нашата земја го достигна историскиот максимум, со опасност таа да влезе во инфлаторна спирала, од која тешко се излегува. Подрастичен пример за високата инфлација е Турција, во која месечниот скок на цените достигнува и до 80 отсто! Македонскиот граѓанин, кој е на дното на листата од земјите во регионот според месечните приходи, одамна ја изгуби трката со трговците, кои секојдневно ги зголемуваат цените на основните животни намирници. Познавачите на околностите во сферата на трговијата со прехранбени производи предупредуваат на недостиг од реална конкуренција на страната на понудата на домашниот пазар, што се користи од страна на трговските компании за неосновано зголемување на цените во услови на криза. Тоа се гледа од движењето на цените на храната на светските пазари, кои бележат стабилизирање, за разлика од цените во Македонија, кои се во постојан пораст.
– Кај инфлацијата во октомври нема апсолутно ништо ново во однос на она што се случува веќе некое време. Инфлацијата продолжува да расте, и тоа повторно поради цената на храната, која е зголемена за околу три отсто во однос на претходниот месец. Ова се случува во услови кога глобалната цена на храната, според податоците на Обединетите нации, има стагнација. Тоа говори дека поскапувањето на храната во Македонија не е придвижувано од надворешни фактори, туку потекнува од дома. Конкретно, поскапувањето се должи на тоа што супермаркетите и трговците со храна неоправдано ги креваат цените на храната, во обид да профитираат од инфлаторниот бран – вели Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Во изминатиот период, македонската влада понуди низа мерки за намалување на инфлацијата врз буџетот на домашните потрошувачи. Претходно беше намалена стапката на ДДВ за потрошена електрична енергија и беше донесена одлука за ограничување на маржата за некои основни прехранбени продукти, но тоа се покажа како недоволно за да ги стабилизираат цените на храната. Веќе два месеца е во најава воведување субвенционирана цена на струјата за претпријатијата од пекарската дејност, која би се применувала од декември! Но прашање е колку со оваа мерка ќе се влијае на општото ниво на цените во земјата, ако се знае дека веќе од Нова година се очекува повисока стапка на ДДВ на десет отсто. Економските аналитичари сметаат дека скокот на цената на храната во Македонија не се должи на цената на струјата, па затоа и пониската цена на струјата нема да спречи цената на храната да продолжи да расте. Засега, замрзнувањето на цените на основните производи, како политика на Владата, не се разгледува, бидејќи како што објасни претходно министерот за економија Крешник Бектеши, тоа би довело до недостиг од производи, што повторно ќе се одрази со повисоки цени на храната.

– Нивото на инфлација е високо, не само кај нас туку во сите држави, и е резултат на порастот на цените на гасот, на електричната енергија и на прехранбените производи. Не само што тоа ме загрижува туку тоа е нешто на што деноноќно работиме со министрите – изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Новиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) покажа дека светските цени на храната останаа главно стабилни во октомври, со тоа што зголемувањето на цените на житата е повеќе од компензирано со падот на другите основни производи. Референтниот индекс на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени на цените за пет прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво, во октомври во просек изнесуваше 135,9 поени, што е маргинално под нивото во септември. Споредено со рекордното ниво забележано во март 2022 година, меѓународните цени на храната се пониски за 14,9 отсто, додека во однос на октомври минатата година се повисоки за 2,0 отсто, се наведува во извештајот на ФАО.