• 27.03.2024 16:33

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Македонците во Србија бараат отварање Kатедра за македонски јазик и Лекторат во Белград

Bysrs-editor

Dec 25, 2022

Македонија и Србија имаат најдобри можни „братски” меѓусебни односи на сите полиња. Србија го признава македонското малцинство, неговиот идентитет, АСНОМ, македонското име, македонскиот јазик и култура. Во Србија живеат над 100.000 Македонци. Тие имаат телевизиски и радио емисии, имаат свои македонски публикации и весник, училишта во кои децата го учат македонскиот јазик. Но, во соседна Србија веќе 30 години нема Катедра за македонски јазик и Лекторат, ниту каков било високообразовен центар на кој ќе се изучува и афирмира македонистиката.

Од бројната македонска заедница во Србија со години апелираат, се прашуваат и бараат во Србија да се отвори Катедра(и) за македонски јазик и Лекторат. Порачуваат дека го забораваат јазикот, го губат идентитетот, нема кој да ги преведува книгите на двата јазика и нема кој да предава во училиштата.

За отворање на македонски лекторат е заинтересирана и Србија, која не ја проблематизира оваа тема, напротив, постои заинтересираност кај високообразовните институции, барање од друштвата на писатели, издавачите, преведувачите, институциите на културата и образованието и студентите за отворање на македонски лекторат и изучување на македонскиот јазик и култура.

МИА го актуелизира за овој проблем и го пренесува апелот на нашите иселеници во Србија и на повеќе македонски и српски интелектуалци, со цел да ги поттикне надлежните во земјава да го решат овој „идентитетски” проблем.

Виктор Шеќеровски е најпознатиот македонски писател и поет во Србија, издавач, покренувач и уредник на првиот македонски весник „Македонска Виделина”, двојазичното списание „Видело”, член е на Српското и на Македонското друштво на писатели.

Во Србија во еден период имаше околу 30.000 млади кои го изучуваа македонскиот јазикот. Сега немаме ништо. Апелираме со години овој проблем да го решиме, но за жал во Македонија изгледа немаат доволно желба, ниту сакаат да го решат и да го сфатат нашиот проблем овде. Од кои причини е тоа, мене не ми е јасно, но се надевам дека овој апел што го упатуваме ние Македонците од Србија, ќе го чујат оние кои можат да го решат и се надевам дека ќе го решат, изјави Шеќеровски.

Тој ја цитираше мислата на Блаже Коневски: „чувајте го јазикот, јазикот е наша татковина”, оценувајќи дека „губиме многу, затоа што јазикот или културата не поврзуваат на сите полиња”. Според него, ако еден народ нема култура, нема ни идентитет.

Да имаме Катедра за македонски јазик не е само битно за нас Македонците во Србија, туку и за поколенијата кои треба да го знаат и да го почитуваат својот јазик, затоа што врските меѓу Србија и Македонија се многу цврсти и се од заеднички интерес, посочува Шеќеровски.

Тој нагласува дека двете култури се сублимативни, изразувајќи ја желбата што поскоро да биде отворена Катедра за македонски јазик во Србија.

Со тоа ќе ги сочуваме можностите да сите млади што идат зад нас ќе можат да си го учат и да си го почитуваат својот јазик, додава Шеќеровски.

Овој проблем е поврзан и со тоа што луѓето кои што ќе го изучуваат македонскиот јазик ќе бидат способни сите оние важни или битни дела кои се на еден јазик да ги преведуваат на другиот јазик – од македонски на српски и обратно, со што ќе се збогатат и двете култури, што е многу битно.

– Од друг аспект со отворањето на овој Лекторат ние даваме до знаење дека македонскиот јазик е жив, ќе живее и мора така да биде, порача Шеќеровски.

На апелот за отворање на Лекторат се придружува и проф. др. Венцислав Грабулов, директор на престижниот ИМС Институт во Белград, нагласувајќи дека „како член на македонската заедница во Србија, како корисник на македонскиот јазик кој што го негува, не само од заборав”, чувствува потреба гласно да ја подржи иницијативата и апелот за отворање на лекторат на македонски јазик во Србија, кој не постои веќе 20 или 30 години.

Тоа е недопустливо. Сметам дека е голем минус што во Србија не постои македонски лекторат. Ако во Србија живеат над 100.000 Македонци, само во Белград околу 80.000, нам ни е потребен тој лекторат. Но, тој им е потребен и на Србите. Ние сме братски народи, имаме добра соработка, имаме размена на сите нивоа, и не знам зошто не се потрудиме да ги размениме и тие сознанија за нашиот јазик, изјави Грабулов.

Од Здружението на писатели на Србија порачаа дека поради непостоењето на Лекторат на македонскиот јазик се нанесува голема штета и загуба на двете култури и на образовните врски, бидејќи со губењето на сопствениот јазик се губи и идентитетот на еден народ.

Сигурно дека ќе биде голем бенефит, ако дојде она што го имаше, една сјајна пракса, а тоа е постоењето на лекторат за македонски јазик во Белград и во Нови Сад. Кога сега тоа би се направило на прав начин, би се обновило и да се обезбедат луѓето кои тоа би можеле да го работат, нашите образовни врски би биле многу поцврсти. Јас сум убеден дека доста луѓе, млади луѓе и во Македонија и во Србија би биле заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик и да имаат можност преку луѓе кои се од струката да го реализираат тој образовен процес и својата намера, изјави потпретседателот на Здружението на писатели на Србија, Видак Маслоровиќ.

Тој посочи дека ваква пракса имало во Србија преку Христо Георгиевски и починатиот академик Радомир Ивановиќ и дека постои доволно желба и доволно памет овој однос повторно да се воспостави и образовните институции да пронајдат начин да се тргне натаму.

Знаете зборот не врзува, и како до него ќе дојдеме, ако не му пријдеме на овој вид на меѓусебното образование и дополнувањето. Впрочем, до вчера бевме, и сега сме секако, на што треба да инсистираме, братски народи. Македонија и Србија и во овие неубави времиња немале некакви спорови кои би го компромитирале она за што сега говориме. Затоа мислам дека во тоа некое наше идно зближување и поврзување на со сила прекинатите врски, еден ваков пристап би значел чекор напред, изјави Масларовиќ.

Според Радомир Андриќ, донеодамнешен претседател на Здружението на писатели на Србија, последиците од несистематското учење на македонскиот јазик се неквалитетните преводи на македонската и српската литература.

Она што го забележав во местата каде што живеат Македонците во Србија, во училиштата и во центрите за култура, е дека децата не го знаат добро македонскиот јазик и немаат книги на македонски јазик. Ништо не значи тоа што јас ја знам поезијата на Гане Тодоровски, Радован Павлоски… ако македонските деца во Србија не ја знаат својата поезија! Ова е огромна загуба за таа генерација деца, што може да биде значаен фактор за поврзување на двете култури. Знаете, јазикот е фундаментално прашање. Тој ја отсликува суштината, духот и карактеристиките на еден народ, зборува за неговата култура, традиција… Доколку луѓето почнат да го губат сопствениот јазик, тие со тоа го губат и сопствениот идентитет! Знаеме дека многу книги што се преведуваат не се добро преведени! За да се реши овој проблем, зад него треба да застанат надлежните министерства и двете држави. Ние сме соседи и треба да соработуваме и духот на јазикот треба да е присутен, изјави познатиот српски писател Радомир Андриќ.

Претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Христо Петревски оцени дека отворањето на Лекторат на македонски јазик во Србија треба да и биде приоритет за Македонија.

Мислам дека е недозволиво во Белград, во соседна Србија, да нема Лекторат за македонски јазик. Кога го велам ова имам предвид, прво, дека во Белград и во Република Србија има голем број на Македонци иселеници, посебно млади луѓе кои и да сакаат не можат правилно да го изучуваат македонскиот јазик. Второ мислам дека е недозволиво кога веќе имаме лекторати во многу други држави и градови, во Белград и соседна Србија да немаме лекторат, затоа што нашите јазици се мошне блиски и сродни, како и нашите литератури и култури, вели Петревски.

Тој посочува дека денес, во 21 век, кога се инсистира на чистотата на македонскиот јазик и писмо и пошироко на македонската култивираност и писменост, неприфатливо е да немаме стручни лица во соседна Србија, кои што правилно, стручно и научно ќе го владеат македонскиот јазик, ќе се грижат за него и ќе го пренесуваат на идните генерации.

Децата на нашите иселеници, се помалку, за жал, ќе го говорат, ќе го применуваат и ќе пишуваат на македонскиот јазик, доколку ние од Македонија не се погрижиме тоа и да им го овозможиме. И тоа не само декларативно. Крајно време е тоа да се реши на еден систематски начин, за што не треба да се одвојат големи средства, напротив, мислам дека треба да се започне со еден лектор на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, кој што подоцна, таа своја мисија ќе ја прошири и на другите Универзитети во Нови Сад и Ниш, смета Петревски.

Според него, меѓу приоритетите на земјава треба да биде отворањето на лекторатот во Белград, каде што претходно постоел, но веќе неколку децении го нема.

Посакувам ден поскоро, како што сме имале во Белград лекторат кој го раководел проф. Христо Георгиевски, како што имавме лекторат и во Нови Сад, кој го раководел академикот Радомир Ивановиќ, повторно во наредната 2023-та конечно да се пофалиме и да бидеме сериозни со отворање на лекторат во Белград, во соседна Србија, порача претседателот на ДПМ.

За потребата од отворање на Катедрата и лекторат за македонски јазик во Србија, говори и изјавата на поранешната помошничка на министер за образование на Србија, Весна Фила од пред повеќе години, која е актуелна и денес.

Кога станува збор за меѓудржавните односи, особено меѓу две соседни држави, важно е да постои иницијатива од двете страни за решавање на одреден проблем. Има интерес за изучување на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет во Белград. Но, за да има лектор, потребна е иницијатива од Македонија, да ни испрати лектор и да се договориме за финансиските обврски. Тогаш би можеле да зборуваме за еден или два пробни семестри, за подоцна преку билатерален договор да востановиме реципроцитет. Ваквите договори функционираат на реципроцитет во смисла – ако се отвори лекторат за македонски јазик во Белград, би сакале да имаме и лектор за српски јазик и литература во Скопје, изјави Фила.

Таа посочи дека според деканот на Филолошкиот факултет во Белград, Александра Вранеш, во тој период над 50 студенти пројавиле интерес за изучување на македонскиот јазик.

Таму сега има курсеви за македонски јазик, понудени како изборен предмет. Но, доколку е изборен – тој не е задолжителен предмет и може да се изучува само два семестри за потоа да не се изучува. Сметам дека би било многу добро министерствата за образование на Србија и Македонија да склучат договор за размена на лектори, што би било драгоцено за студентите во двете земји, изјави Фила, посочувајќи ги и насоките кои досега требаше да ги направат надлежните во Македонија.

Скопје и Белград се оддалечени 420 километри, мало растојание, а голема е потребата за решавање на овој „идентитетски” проблем и излегувањето во пресрет на апелот на македонската заедница во Србија за отворање на високообразовен центар на кој ќе се изучува и афирмира македонистиката.