• 04.02.2023 21:08

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Ниту по шестиот круг гласање не е избран претседател на Претставничкиот дом во САД

Bysrs-editor

Jan 5, 2023

Американските републиканци не успеаја втор ден по ред да го изберат својот лидер Кевин Мекарти за претседател на Претставничкиот дом или да смислат нова стратегија за ставање крај на политичкиот хаос што го наруши почетокот на новата седница на институцијата во која тие имаат мнозинство по среднорочните избори во ноември минатата година.

Ниту во четвртиот, петти и шести круг гласање, републиканците не успеаја да го изберат Мекарти за спикер, и покрај повикот на поранешниот претседател Доналд Трамп да му се даде доверба.  Дваесетмина конзервативци сè уште одбиваат да го поддржат Мекарти, а тој не успеа да обезбеди поддршка од најмалку 218 пратеници потребни за да стане шеф на институцијата.

Тенкото мнозинство на републиканците со 222-212 дава поголемо влијание на мала група тврдокорни кои сакаат промени во правилата што ќе им дадат посилна контрола врз претседателот на Претставничкиот дом и поголемо влијание врз пристапот на партијата кон прашањата за трошење и задолжување. Без нивна поддршка, Мекарти не може да биде избран.

– Мислам дека вечерашното гласање не е продуктивно, рече Мекарти, излегувајќи од долгиот состанок зад затворени врати со клучните противници на неговата кандидатура. – Мислам дека луѓето треба да поработат уште малку. Мислам дека гласањето вечерва не би променило нешто. Но, гласањето во иднина би можело, додаде тој.

Мекарти вети дека ќе се бори и покрај исцрпувачките превирања кои почнаа ден претходно.

Претседателот Џо Бајден, кој е од Демократската партија, ја нарече ситуацијата „срамна” и рече дека „остатокот од светот” внимателно ја следи.

Потребно е мнозинство од 218 гласови за да се избере претседател на Претставничкиот дом, третата најважна фигура во американската политика по претседателот и потпретседателот. Во првите пет гласања Кевин Мекарти не успеа да добие повеќе од 203.

Оваа состојба целосно ја парализира институцијата: без претседател, избраните претставници не можат да положат заклетва, па затоа не можат да донесат ниту еден закон. Републиканците исто така не можат да покренат бројни истраги што ги ветија против Џо Бајден.

Гласањето ќе продолжи се додека не се избере лидерот на Претставничкиот дом. Требаше да трае неколку часа, но може да се продолжи на неколку недели: во 1856 година, избраните членови на Конгресот постигнаа договор дури по два месеци и 133 круга.

Не гледајќи излез од политичкиот ќор-сокак, републиканците доцна синоќа ненадејно гласаа за прекин на работата. Се очекуваше тие да продолжат со работа подоцна, но пратениците одлучија дека ново гласање нема да помогне.